Десетици земји се обврзаа да ја поддржат реконструкцијата на Украина преку, како што се очекува, долг и скап процес. Тие се согласија дека се потребни широки реформи за зајакнување на транспарентноста и борбата против корупцијата.
На крајот на дводневната конференција во градот Лугано во Швајцарија, лидери на околу 40 земји потпишаа Декларација со принципи за обнова на Украина.
Потписничките на Договорот, меѓу кои САД, Велика Британија, Франција и Јапонија најостро ја осудија воената агресија на Украина и ја повикаа Москва без одлагање да ги повлече своите трупи.
Швајцарскиот претседател Иганцио Касис, кој беше ко-домаќин на конференцијата со Украина, ја поздрави декларацијата како „клучен прв чекор на долгиот пат на закрепнување на Украина“.
Потписниците ги поздравија обврските за обезбедување политичка, финансиска и техничка поддршка на Украина. Тие се договорија дека принципите од овој договор ќе бидат одредница за реконструкцијата на Украина, за која украинските власти велат дека ќе чини 750 милијарди долари.
Украинскиот премиер Денис Шмихал рече дека декларацијата е „дефинитивно почеток на нашиот долгорочен процес“.