Иран во дискусиите со САД има барања кои не се во врска со нуклеарната програма, изјави специјалниот пратеник на САД за Иран Роберт Мали. Тој неодамна имаше разговори со иранската страна во Доха, за да се надмине ќорсокакот во преговорите за заживување на договорот за нуклеарната програма од 2015 година.
Специјалниот пратеник на САД за Иран, вели дека иранската страна додала барања кои немаат никаква врска со нуклеарниот договор, а што ги сакале уште во минатото.
Во интервју за Националното јавно радио Мали вели во моментов не треба да има дискусии меѓу САД и Иран, иако американската страна е подготвена на тоа, во моментов треба да има дискусии меѓу самиот Иран, вели тој.
„Тие треба да донесат заклучок дали сега се подготвени да се вратат назад на договорот“, додаде Мали.
Тој рече дека на маса има предлог за временска рамка со која Иран би можел повторно да го почитува нуклеарниот договор и Вашингтон да ги ублажи санкциите кон Техеран.
Дводневните индиректни преговори меѓу Иран и САД завршија во Катар на 29 јуни, но не се постигна значителен напредок.
Според нуклеарниот договор од 2015 година, Иран се согласи на ограничувања на својата контроверзна нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите. Но, договорот почна да се распаѓа во 2018 година кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот.
Потоа Вашингтон повторно воведе осакатувачки санкции кон Техеран, а Техеран преземаше чекори за постепено кршење на дел од договореното.
Повеќе од една година траат директни преговорите во Виена меѓу Иран и големите сили потписнички на договорот - Велика Британија, Германија, Франција, Русија и Кина, а САД учествуваат индиректно.
Преговарачите, наводно, биле блиску до нов договор во март, но разговорите нагло заглавија во април, при што Техеран и Вашингтон се обвинуваат меѓусебно за неуспехот да ги донесат неопходните политички одлуки за решавање на преостанатите прашања.