Од Илинденска до Месечината
ВАТИКАН - Папата Франциско ги отфрли гласините дека планира да поднесе оставка во скоро време и рече дека се надева оти во блиска иднина ќе ги посети Киев и Москва.
МАКЕДОНИЈА - Урнати огради пред зградите на Владата и Собранието и остатоци од јајца на фасадите е билансот од денешните протести против францускиот предлог за тргање на бугарското вето за македонските евроинтеграции.
КИНА - Официјален Пекинг ги негира тврдењата на шефот на НАСА дека Кина може да ја „преземе“ Месечината како дел од нејзината воена програма и дека украла технологија од други земји.
ШВАЈЦАРИЈА - Водечката швајцарска невладина организација Паблик ај (Public Eye), или во превод Око на јавноста, денеска ја критикуваше владата на Швајцарија, наведувајќи дека носи голема политичка одговорност што таа земја служи како „сигурно прибежиште“ за руските олигарси и како трговски центар за руската нафта, жито и јаглен.
УКРАИНА - Украинските лидери рекоа дека на нивната уништена земја ѝ се потребни 750 милијарди долари за планот за обнова во три фази по руската инвазија и уништувањето на градови и инфраструктура.
РУСИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Москва со иста мера ќе одговори на бугарското протерување на 70 руски дипломати. Руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, во минатата недела рече дека ќе побара од Москва да ја затвори нејзината амбасада во Софија поради протерувањето. Бугарија на 28 јуни соопшти дека руските дипломати работеле против интересите на Софија. Тие добија рок до 3 јули да ја напуштат државата.
ЕУ - Известувачот за Северна Македонија Илхан Ќучук смета дека францускиот предлог е најдоброто што Бугарија и Северна Македонија може да го постигнат. Во 21. век, нагласува тој, идентитетот не може никому да му биде одземен, а најдобар начин да се заштити и зачува е да се биде внатре во Европската Унија, каде сите се еднакви.
ТУРКИЈЕ - Годишната инфлација во Туркије (Турција) достигна 78,62 отсто во јуни, што е највисока од 1998 година, се наведува во денеска објавените официјалните податоци Турскиот статистички институт кој прецизира дека цената на потрошувачката кошничка пораснала за 4,95 проценти.
АВСТРАЛИЈА - Повеќе од 32.000 жители во и околу Сиднеј денеска се евакуираат или се подготвуваат да ги напуштат своите домови, бидејќи најголемиот град во Австралија се подготвува за најлошите поплави во последните 18 месеци. Делови од градот, кој има пет милиони жители, се соочуваат со четврта вонредна состојба од поплави за една и пол година, а силниот дожд предизвика излевање на високи брани и реки во петокот.
ДАНСКА - Полицијата во Копенхаген соопшти дека „неколку луѓе“ биле убиени во пукање во трговски центар на 3 јули и дека 22-годишен маж е уапсен. „Знаеме дека има неколку мртви“ и „неколку повредени“, изјави полицискиот инспектор Сорен Томасен на прес-конференција. Тој рече дека тероризмот не може да се исклучи и дека напаѓачот најверојатно дејствувал сам. Осомничениот наводно бил Данец. Според последниците информации загинале три лица, додека уште тројца биле повредени.