Владата и Собранието гаѓани со јајца против „францускиот предлог“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Урнати заштитните огради, јајца за Собранието и владата

Урнати огради пред зградите на Владата и Собранието и остатоци од јајца на фасадите е билансот од денешните протести против францускиот предлог за тргање на бугарското вето за македонските евроинтеграции.

Илјадници луѓе излегоа трета вечер по ред на протести против францускиот предлог во Скопје. Протестот почна мирно, химната ја отпеа пејачот Ламбе Алабакоски, кој неодамна беше во фокусот на јавноста откако беше уапсен за опожарувањето на вратата на бугарскиот културен центар Иван (Ванчо)Михајлов во Битола.

Но потоа дел од демонстрантите, предводени од лидерот на Левица Димитар Апасиев, ја турнаа заштитната ограда пред Владата, по што протест се пресели во кругот на владината зграда.

Апасиев, сепак, не ја прескокна ограда, туку само ја преместија во дворот на владата.

Демонстрантите фрлаа ролни хартија, пластични шишиња, петарди, балони со вода и јајца кон Владата и бараа оставки од власта. Тие се против францускиот предлог за укинување на бугарското вето за ЕУ. Сметаат дека со тоа се бугаризира Македонија.

Извикуваа „Никогаш северна, само Македонија“, „Оставка“, „Бугари“...

Некои закачуваа цвеќе на полициските штитови.

Откако ја поминаа заштитната ограда застана пред кордонот полицајци.

Дел од демонстрантите потоа се упатија кон Собранието. И таму ја турнаа заштитната ограда и гаѓаа со јајца. Демонстрантите со погрдни зборови извикуваа за претседателот Стево Пендаровски.

СДСМ и ДУИ ги осудија инцидентите на протестот

Владејачката СДСМ соопшти дека го осудува насилството и инцидентите што, како што наведе, вечерва се случуваат на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ и Левица пред објектите на Владата и Собранието. Осуда стигна и од владиниот коалиционен партнер ДУИ.

Протестите започнаа во саботата на повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На протестот се придружија и други парти и граѓански организации. Демонстрантите сметаат дека предлогот е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.

Во меѓувреме, пак, власта одржува средби со парламентарни партии во обид да добие поддршка за предлогот. Се очекува Собранието до крајот на неделава, најверојатно четврток, на пленарна седница да расправа за владината информација за францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за почеток на преговори со ЕУ, велат извори од денешните собраниски координации.

Собранието треба да донесе заклучоци кои ќе бидат обврзувачки за Владата и за нив ќе се гласа со просто мнозинство. Во нив се очекува да има препораки кои ќе се однесуваат на заштита на македонскиот јазик и идентитет во пристапните преговори со ЕУ, велат собраниски извори за РСЕ.

Додека траат консултациите за францускиот предлог, во земјава е најавено доаѓањето на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на брифинг со уредници рече дека Мишел утре ќе ја посети земјата.