Средба на Пендаровски со помалите владини коалиционери

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов и претседателот на Либерално-демократската партија Горан Милевски, партии кои се дел од владината коалиција.

За модифицираниот француски предлог и за актулените политички случувања денеска разговарале претседателот Стево Пендаровски и претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов и претседателот на Либерално-демократската партија Горан Милевски, партии кои се дел од владината коалиција.

Лидерите на трите партии ги образложија партиските согледувања за францускиот предлог, и ги истакнаа нивните загрижености во однос на истиот, се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Помалите партии по долгочасовните консултациите со владините претставници излегоа со свои дополнителни барања, посочувајќи дека не даваат безусловна поддршка на предлогот.

Демократски сојуз бара да се измени преговарачката рамка, односно од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, рамката да биде согласно европските принципи и стандарди, да се овозможат гаранции дека Бугарија нема да се меша во внатрешното уредување на Македонија и уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа.

Морачанин од коалициската ДОМ бара итно да биде објавен Протоколот во кој се опфатени билатералните прашања за образованието и историјата.