Турски претставник и компанијата која стопанисува со пристаништето потврдија дека властите запреле товарен брод кој плови под руско знаме и ги истражуваат тврдењата на Украина дека превезува украдено жито.
„Бродот Жибек Жоли е задржан во Карасу“, потврди висок турски претставник за Ројтерс.
„Наводите се истражуваат темелно, на житото не пишува кому му припаѓа“, рече тој.
Украинскиот амбасадор во Турција Васил Боднар вчера соопшти дека рускиот брод биле задржат од турските царински власти.
Украина побара од Анкара да го запре, обвинувајќи ја Москва за кражба на жито од териториите што руските сили ги зазедоа од почетокот на инвазијата на 24 февруари. Според Киев, бродот испловил од украинското пристаниште Бердјанск, кое е окупирано од руските сили.
Кремљ негира дека Русија краде украинско жито.
На 30 јуни, шефот на администрацијата во украинскиот регион Запорожје, назначен од Москва, на Телеграм објави дека бродот испловил од пристаништето Бердјанск и се упатил кон „пријателски земји“. Тој додаде на бродот има 7000 тони жито, но не прецизира кои земји се сметаат за „пријателски“, ниту, пак, даде детали за потеклото на житото.
Боднар рече дека истражителите денеска ќе се состанат во Турција за да ја утврдат судбината на бродот и дека Украина бара враќање на житото.
Украина ја обвинува Русија дека го краде житото и дека ги блокира пристаништата за да ја спречи Украина да го извезува, што придонесе за глобален недостиг на храна.
Москва негира, но сателитските снимки покажуваат дека Русија извезува жито од Украина преку пристаништето Севастопољ на Крим. Русија нелегално го анектира Крим во 2014 година.
Житариците се еден од главните извозни производи на Украина. Минатата година извозот изнесуваше 12,2 милијарди долари, што е една петтина од вкупниот извоз од земјата. Преку украинските пристаништа, меѓу кои и Бердјанск, Украина извезуваше околу 6 милиони тони житарици месечно пред војната.