Официјален Пекинг ги негира тврдењата на шефот на НАСА дека Кина може да ја „преземе“ Месечината како дел од нејзината воена програма и дека украла технологија од други земји.
„Ова не е првпат шефот на НАСА да ги игнорира фактите и да зборува неодговорно за Кина“, изјави на 4 јули Жао Лиџијан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
„Американската страна постојано води оцрнувачка кампања против нормалните и разумни напори на Кина во вселената, а Кина цврсто се спротивставува на таквите неодговорни забелешки“, вели портпаролот на кинеското МНР.
Кина вложи големи средства во својата вселенска програма во изминатите години и го постави истражувањето на Месечината како еден од своите приоритети.
Првото слетување без екипаж на Месечината го направи во 2013 година. Кина вели дека очекува да лансира ракети доволно моќни за да испратат астронаути на Месечината до крајот на оваа деценија.
Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, за германскиот весник „Билд“ во интервју објавено на 2 јули вели дека вселенската програма на Пекинг е воено ориентирана и дека Кина украла идеи и технологија од други.
„Мора да бидеме многу загрижени што Кина слетува на Месечината и вели: Сега е наше, а вие останете надвор“, рече тој.
Шефот на НАСА, исто така, тврди дека кинеските астронаути биле обучени за методи за уништување сателити на други земји.
НАСА соопшти дека планира да испрати мисија со екипаж да орбитира околу Месечината во 2024 година и да изврши слетување со екипаж до 2025 година.