Украинските лидери рекоа дека на нивната уништена земја ѝ се потребни 750 милијарди долари за планот за обнова во три фази по руската инвазија и уништувањето на градови и инфраструктура.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека обновата на неговата земја е „заедничка задача на целиот демократски свет“, додека премиерот Денис Шмигал го изнесе поствоениот план за обнова вреден 750 милијарди долари.
Додела руските сили продолжуваат со напредувањето во источна Украина, Зеленски преку видеолинк се обрати на Конференцијата за обнова на Украина во градот Лугано во Швајцарија.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас рече дека за таква обнова би бил потребен некој вид „Маршалов план“ за Украина за ѝ се помогне во обновата.
Задачата, која веќе е во тек во некои области ослободени од руските сили, има за цел да ја искористи надворешната стручност, владините средства и работата на Украинците за обнова на болници, училишта, владини згради, куќи и станови, но и водоводи, гасоводи и друга оштетена инфраструктура.
Шмигал, кој лично присуствува на Конференцијата, рече дека клучен извор на финансирање треба да биде запленетиот имот на Русија и на руските олигарси. Тој цитираше непрецизни проценки дека се работи за износ од 300 до 500 милијарди долари.
„Тие го предизвикаа ова огромно уништување и за тоа треба да одговараат“, рече Шмигал.
Русија на 24 февруари ја започна инвазијата врз Украина, по што околу 5,4 милиони луѓе ја напуштија земјата, а илјадници загинаа.
На Конференцијата во Лугано учествуваат стотици претставници на влади, лоби групи, приватниот сектор, академската заедница, ОН и мноштво украински министри, пратеници, дипломати и други.