Украинското знаме повторно е подигнато на Змискиот Остров во Црното Море, соопшти украинската војска, откако руските сили објавија дека се повлекле од островот минатата недела.
„Воената операција заврши и територијата (Змискиот Остров) е вратена во јурисдикција на Украина“, изјави Наталија Хумениук, портпаролка на јужната воена команда на Украина.
Некои аналитичари велат дека повлекувањето на Русија од Змискиот Остров може да ја олесни блокадата на украинските пристаништа.
Но, странски дипломат со седиште во Киев, за Ројтерс изјави дека тоа сè уште не е доволно за да се овозможи безбеден транзит на украинското жито.
„Постои барање за деминирање, а Русија сè уште има способности (воени бродови, крајбрежен одбранбен систем и воздушна супериорност) што ќе им овозможат да ги забрануваат бродските патеки“, рече дипломатот.
На Украина ќе ѝ треба поддршка од сојузниците за да ги деблокира своите пристаништа за да може да испорачува жито. Според дипломатот, Турција треба да игра клучна улога во тоа.
Русија во четвртокот соопшти дека се повлекла од Змискиот Остров како „знак на добра волја“ за да покаже дека не се меша во напорите на Обединетите нации за отворање хуманитарен коридор што дозволува испорака на жито од Украина.
Украина, пак, соопшти дека ги истерала руските сили по артилериски и ракетен напад.
Контролата на островот, кој се наоѓа на околу 40 километри од брегот на Украина, ѝ дозволи на Русија да ги загрози поморските патеки што водат до и од Одеса, главното пристаниште во Украина за транспорт на жито во светот.
Островот стана симбол на украинскиот отпор на почетокот на војната кога граничарите стационирани таму ги одбија руските барања да се предадат или да загинат, а неговото враќање под украинска контрола се смета за голема победа.
Змискиот остров отсекогаш имал стратешко значење. Во советско време, таму имало воена база, па од тогаш останале хелиодромот и двете платформи каде што може да се закотват големи воени бродови.
Со децении, островот беше ограничена зона која можеше да ја користи само војската.
На 24 февруари Русија започна инвазија на Украина. Оттогаш, над 5,4 милиони луѓе ја напуштија земјата разурната од војна, а илјадници загинаа.