Села со поддршка за францускиот предлог

Лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села

Лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села, денеска по средбата со премиерот Димитар Ковачевски рече дека тој и неговата партија го поддржуваат францускиот предлог. „Патот кон ЕУ оди преку преговори кои треба да се постигнат со земјите на ЕУ. Нема двоумење, Алијанса е важна на овие линии, ние сме главни чинители кои ги почнавме овие промени за да бидеме денес членка на НАТО Алијансата, за да бидеме побезбедни во оваа криза во Украина, затоа и зачленувањето на Македонија во ЕУ има геополитичко значење. Затоа политичарите треба помалку да размислуваат за политички поени, туку да размислуваат за регионот да биде постабилен“, рече Села.

Мицкоски нема да бара предвремени избори ако Ковачевски го одбие францускиот предлог

Вчера, премиерот Ковачевски имаше средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ, францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена. Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски. Шефот на државата по седницата на прес-конференција изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање.