Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 3 јули му пријавил на претседателот Владимир Путин дека руската армија ја „ослободила“ целата територија на источниот регион на Украина Луганск, објави руското Министерство за одбрана.
Шојгу изјави дека руските сили и милитантите поддржани од Москва ја презеле контролата врз градот Лисичанск, местото на жестоки борби во последните денови и последното големо упориште во регионот Луганск, делумно контролиран од Украина.
„Сергеј Шојгу го информираше врховниот командант на руските вооружени сили Владимир Путин за ослободувањето на Луганската Народна Република“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Руските државни медиуми го цитираа портпаролот на Министерството за одбрана, Игор Конашенков, кој изјави: „Руските трупи... се борат во Лисичанск, во последната фаза на поразување на опкружениот непријател“.
- Германија и сојузниците разговараат за безбедносни гаранции за Украина
- Русија обвинува за фатални експлозии во Белгород, продолжуваат борбите во Луганск
Гувернерот на областа Луганск, Сергиј Хајдај, на Телеграм напиша дека руските сили „освојуваат упориште во градот“.
Советникот на украинскиот претседател Алексеј Арестович доцна на 2 јули изјави дека руските сили создале „заканувачка ситуација“ во градот.
Во април, Русија ги повлече своите сили од околината на Киев и другите делови на Украина и објави дека контролата на источна Украина Доњецк и Луганск е главниот фокус на инвазијата.
Руските војници го гранатираат Лисичанск во последните неколку дена, а последните борби се една недела по падот на Северодонецк, кој се наоѓа на другата страна на реката Сиверски Донецк. Тој град беше речиси срамнет со земја пред да биде заземен од руската војска.