Одлуката да го прифатиме нема да биде историски триумф или историски дебакл. Со овој предлог имаме само можност да ги отвориме преговорите и со него остануваме на европскиот колосек кој е долг, но до овој момент не губиме, ама баш ништо.
Ова е ставот на претседателот Стево Пендаровски по одржувањето на денешната Седница на Советот за безбедност на која беше разговарано за францускиот предлог отстранување на пречките за старт на преговорите на Македонија.
Тој вели дека не е точна перцепција кај дел од јавноста, дека оваа е судбинска дилема да се биде или не и дека деновиве треба да донесеме одлука за нашата судбина, ако го или ако не го прифатиме францускиот предлог.
Според шефот на државата, станува збор за транзициски предлог и затоа, како што рече, негов став е дека треба да се прифати само како одлука државата да ги отвори преговорите за членство во ЕУ.
„Со него ја креваме бугарската блокада и дозволува формално отворање на преговорите. Тој овозможува скрининг процес пред отварање на кластерите и трето со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, бидејки има чиста формулација за македонскиот јазик без фусноти“, вели Пендаровски.
- Протест пред Владата: „Но пасаран“ за францускиот предлог
- Ковачевски – Францускиот предлог е поволен и ги вклучува нашите забелешки
Тој додаде дека очекува заклучоци на Владата, ако таа го прифати предлогот, дека мора да ја содржат реченицата:
„Од денот кога ќе ги отвориме преговорите до нивното завршување, ако има дополнителни обиди за спомнување влез во дискусиите македонски јазик и македонска историја, во истиот момент ние да се повлечеме од преговорите“.
Пендаровски вели дека нема гаранции дека во процесот на преговорите нема да има нови обиди од блокада од Бугарија или некоја друга земја членка, но дека таквите обиди како што вели ќе бидат драстично намалени.
„Откако предлогот ќе стане европска рамка ќе се редуцира можноста за чисти национални блокади“, тврди Пендаровски.
Со францускиот предлог, рече тој, историјата не е услов и има само една една реченица и во предлогот и во протоколите, која се однесува на почесто среќавање на историчарите.
Во однос на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека неприфаќањето на овој предлог може да создаде меѓуетнички тензии, Пендаровски вели дека не очекува безбедносни ризици, особено затоа што и порано имало случаи на одбивање и разочарувања во делот на евроинтеграциите, а тоа не предизвикало конфликт.