Германија разговара со своите сојузници за безбедносни гаранции за Украина, како дел од подготовките за повоениот период, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц за медиумската куќа АРД, пренесува Ројтерс.
„Разговараме со блиски пријатели за прашањето за безбедносните гаранции што можеме да ги дадеме. Тоа е тековен процес. Јасно е дека нема да биде исто како некој да е член на НАТО“, рече Шолц.
Тој додаде дека е „сосема јасно“ дека тоа е „прашање што внимателно се подготвува во дипломатската сфера, за денот што се надеваме дека наскоро ќе осамне, односно кога војната ќе заврши“.
Украина не е членка на НАТО, но е „земја партнер“ од 2008 година, кога се приклучи на Акциониот план за членство. Тоа значи дека во иднина може да и биде дозволено да се приклучи на Алијансата.
- Русија обвинува за фатални експлозии во Белгород, продолжуваат борбите во Луганск
- Бајден со честитки до Шолц за воената помош кон Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на неодамна одржаниот самит на НАТО во Мадрид изјави дека има мали изгледи за членство на таа земја во НАТО.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Северноатлантската Алијанса им дозволи на своите членки да испраќаат оружје на украинската армија, без да предизвикаат директен конфликт со Русија.
Договорот на НАТО предвидува дека секој напад врз која било членка на Алијансата ќе се смета за напад врз сите и ќе предизвика воен одговор од целата Алијанса.