Врховниот суд на Тексас го блокираше налогот на понискиот суд со кој им се дозволува на клиниките да продолжат со абортуси, само неколку дена откако некои лекари продолжија да примаат пациенти, објави АП.
Сослушувањето е закажано за крајот на овој месец, а се уште не е јасно дали клиниките во Тексас, кои продолжија да примаат пациенти оваа недела, повторно ќе ги прекинат услугите.
Некои клиники во Тексас ги враќаат пациентите, некои ги префрлаат во други градови каде што примаат пациенти, некои сега потенцијално повторно ги откажуваат прегледите и сето тоа се случува во рок од седум дена, илустрирајќи ја конфузијата и препукувањата што се случуваат низ целата земја откако е поништена пресудата позната како „Ро против Вејд“. Во пресудата „Ро против Вејд“ од 1973 година, Врховниот суд со седум гласа „за“ и два против им даде право на жените на абортус, заштитено со американскиот устав.
- Страв од укинување на нови права по одлуката за абортусот во САД
- Врховниот суд на САД го укина уставното право на абортус
Врховниот суд на Соединетите Држави на 24 јуни ја објави пресудата со која стави крај на полувековното право на абортус во целата земја. Во пресудата судот нагласи дека абортусот не е забранет, но дека сега поединечни држави можат сами да дозволат или ограничат прекин на бременоста.
Судијата во Хјустон на почетокот на оваа недела издаде наредба што беше доволна за некои клиники привремено да продолжат со абортуси до шестата недела од бременоста. После тоа, државниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, побара од највисокиот суд во државата, кој има девет републикански судии, привремено да ја стави наредбата во мирување.
Употребата на апчиња за абортус е најчестиот метод за прекинување на бременоста во САД од 2000 година, кога американската Администрација за храна и лекови (ФДА) го одобри мифепристон - главниот лек што се користи за медицински абортуси. Овој лек се зема со мизопростол, лек кој предизвикува грчеви кои ја празнат матката.
Пристапот до пилулата стана клучен во битката за правата за абортус, при што администрацијата на претседателот Џо Бајден тврди дека државите не можат да забранат лек одобрен од ФДА.