Киев бара Турција да го задржи бродот со руско знаме што пренесува украинско жито

илустрација

Украина побара од Турција да го задржи товарниот брод под руско знаме за кој се верува дека превезува украинско жито за кое Киев вели дека тргнал од Бердјанск, украинско пристаниште окупирано од руските сили.

Украинскиот амбасадор во Анкара рече дека бродот „Жибек Жоли“ стигнал до турското пристаниште Карасу откако испловил од Бердјанск на Азовското Море.

Амбасадорот Васил Боднар на Твитер напиша дека врз основа на инструкциите на украинскиот генерален обвинител, „побаравме од турската страна да преземе соодветни мерки“.

Во твитовите на амбасадорот не е прецизиран товарот на бродот, но Евгениј Балицки, шеф на управата назначена од Москва во областа Запорожје, на 30 јуни на Телеграм изјави дека трговски брод со 7.000 тони жито го напуштил Бердјанск.

Тој рече дека се упатил кон „пријателските земји“, но не ги именуваше ниту пак даде детали за потеклото на житото.

Во писмото до Министерството за правда на Турција се наведува дека Жибек Жоли бил вклучен во „нелегалниот извоз на украинско жито“ од Бердјанск, пренесе агенцијата Ројтерс, која соопшти дека имала увид во документот.