Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска пред медиумите го образложуваше новиот француски предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ, уверувајќи дека прашањето на македонскиот јазик е решено и дека треба да се „демонтираат“ сите лаги поврзани со него.
Османи тврди дека во рамката што треба да биде потпишана со Европската унија ќе стои дека Северна Македонија ќе го преведе законодавството на македонски јазик исто како и во рамките на други земји. Бугарија, како што тврди, ќе го искаже во изјава согласно Португалскиот предлог, односно дека македонскиот јазик не постоел до 1945 година и дека бил еден од нивните дијалекти. Северна Македонија, вели Османи, во записникот ќе има исто така своја изјава.
„Во ЕУ досега никогаш не е потпишан европски документ во кој стои македонски јазик. Да, има еднострана изјава на Бугарија, но не во рамката, туку во записникот. Тоа е мислење, кое не влегува во документот и заклучоците, и тоа еднаш и никогаш повеќе“, вели Османи.
За шефот на македонската дипломатија, најголемата разлика помеѓу новиот и стариот француски предлог е тоа што македонскиот јазик останува заштитен во ЕУ и хронолошки биле отфрлани предлозите „јазик на Северна Македонија“, „јазик согласно Уставот“ и фуснота со ѕвездичка дека македонски јазик за Бугарија е неприфатливо.
Според Османи, македонската дипломатија убедила 26 земји-членки дека тоа е неприфатливо.
Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека предлогот не смее да се прифати затоа што тоа ќе значи бугаризирање и асимилација во ЕУ. Од партијата ги повикаа граѓаните на протест, вечер во 19 часот пред платото на Владата, за да како што велат да кажат НЕ на предлогот.
Османи пак вели дека е ирационално и штетно да се тврди дека ќе има смена на идентитет, бугаризација. Напротив, вели шефот на дипломатијата, се затвора еднаш засекогаш прашањето за јазикот, кој беше оспоруван од некои во ЕУ.
Тој тврди дека обврските на Северна Македонија по билатералните прашања кон добрососедските односи не се вклучени во преговарачката рамка.
Во „Годишните мерки и прегледи за имплементација“ немало ништо спорно, тврди Османи откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посочи дека токму тој дел кој реферира на член 12 од Договорот за добрососедство ќе биде одлучувачки член врз основа на кој ние или ќе напредуваме или ќе бидеме подложни на вето од источниот сосед.
Инаку оваа рамка се усвојува истиот ден кога ние ќе кажеме „да“ за документот. Со новиот предлог, преговорите ќе започнат пред уставните промени.