Демонстрантите ја запалија зградата на либискиот парламент

илустрација

Демонстрантите ја запалија зградата на либискиот парламент во источниот град Тобрук, протестирајќи против влошувањето на условите за живот и политичкиот ќорсокак, пренесе АФП, повикувајќи се на либиски медиуми.

Неколку телевизиски станици објавија дека демонстрантите „успеале во петокот, на 1 јули, да влезат во зградата и да извршат вандализам“, додека медиумите прикажуваа слики од густи колони црн чад додека демонстрантите палеа гуми.

Други медиуми наведуваат дека изгорел дел од зградата. Парламентот беше празен, бидејќи петок е неработен ден во Либија.

Во Либија со месеци траат демонстрации поради влошените услови за живот и политичкиот ќорсокак. Во делови од таа земја веќе неколку дена нема струја, по блокадата на нафтените постројки.

Либискиот парламент, наречен Претставнички дом, беше формиран во Тобрук, стотици километри источно од главниот град Триполи, по поделбата во 2014 година меѓу силите кои ги контролираат истокот и западот на земјата.

Второто, ривалско тело, официјално познато како Висок државен совет, е со седиште во Триполи.

Оваа северноафриканска земја богата со нафта беше уништена од конфликтите кои започнаа во 2011 година, кога деценискиот лидер Гадафи беше соборен и убиен за време на бунтот поддржан од НАТО, потсетува агенцијата АП.

Земјата сега е клучна појдовна точка за илјадници мигранти кои патуваат во Европа, а некогаш имаше еден од највисоките животни стандарди во Африка, со бесплатно здравство и бесплатно образование, наведува Би-Би-Си.

Во бројни либиски градови денеска се одржуваат протести поради постојаните прекини на струја, зголемените цени и политичкиот ќорсокак. Во главниот град Триполи, каде владее ривалската администрација, демонстрантите повикаа на избори.