Василев го доби мандатот за формирање нова Влада во Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев во петокот му го врачи мандатот за формирање нова влада на министерот за финансии Асен Василев.

Премиерот во заминување Кирил Петков, прозападен реформист, кој поднесе оставка претходно оваа недела по гласањето недоверба, претходно изјави дека неговата центристичка партија Да продолжиме со промените (ПП) ќе го номинира Василев за следен премиер на земјата.

Василев сега има седум дена да се обиде да стави крај на последната политичка криза во Бугарија, за која Радев предупреди дека е и економска и социјална.

Василев мора да му предложи кабинет на Радев за одобрување, а потоа да се соочи со гласање за доверба во парламентот.

Василев рече дека сите се свесни за кризата со која се соочува Бугарија, додавајќи дека ќе биде важно владата „да работи во интерес на граѓаните, а не во интерес на статус кво“.

Василев го доби мандатот откако левичарската Бугарска социјалистичка партија (БСП), партнер во коалицијата на Петков, ја отфрли можноста да го поддржи.

БСП, традиционално пријателски настроена кон Москва, вели дека е лута од одлуката на Петков да протера руски дипломати. На 28 јуни Петков објави дека Бугарија протерува 70 руски дипломати кои работеле против бугарските интереси.