Министерот за надворешни работи, Бујар Османи објави дека врз основа на досегашните консултации, МНР ќе ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Европската Унија, познат како францускиот предлог.
Тој истакна дека денешните консултации околу предлогот минуваат во позитивна атмосфера, а тие ќе продолжат со сите заинтересирани групи и целокупната јавност, по што Владата ќе ја донесе конечната одлука.
„Различните групи и поединци се фокусираат на суштински прашања кои се важни за граѓаните и за идниот процес на преговори: македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Европската Унија, чисто формулиран и без ниту една забелешка или објаснување наведени во преговарачката рамка; протоколот, како и делот кој упатува на историските прашања, остануваат во сферата на билатералните односи и не се дел од Преговарачката рамка; oдобрувањето на овој предлог ќе значи одржување на првата Меѓувладина конференција, започнување на процесот на скрининг – суштинско отворање на преговорите во полн капацитет – и тоа веднаш!, објави Османи на неговиот Фејсбук-профил.
Претходно премиерот Димитар Ковачевски рече дека во новиот француски предлог се вклучени нашите забелешки и јасно изразени ставови и тој е поповолен за нас. Опозицискиот лидер пак Христијан Мицкоски го отфрли предлогот и повика на голем протест утре пред Владата. Протестот го поддржа и опозициската Левица.
Инаку предлогот беше изготвен на самиот крај на француското претседавање со Европската унија, како обид да се надмине спорот меѓу Македонија и Бугарија, да се крене бугарското вето и да почнат преговорите за влез на земјава во ЕУ.