Сервисите на турски јазик и на американскиот радиодифузер Гласот на Америка и на германската Дојче веле беа блокирани од турскиот медиумски регулатор предизвикувајќи обвиненија за цензура.
Врховниот одбор за радио и телевизија ја спроведе одлуката од февруари со која се бара од меѓународните медиуми кои емитуваат телевизиски содржини на турски преку интернет да аплицираат за дозвола за пренос. Судот во Анкара вчера донесе одлука за ограничување на пристапот до веб-страниците на државно-финансираните Дојче веле и Гласот на Америка.
Ниту една од овие веб-страници денеска не беше достапна во Турција. Во соопштението, Дојче наведува дека не ги исполнува условите за лиценцирање бидејќи „ќе и дозволи на турската влада да цензурира уредувачка содржина“.
Генералниот директор Питер Лимбург истакна дека ова е детално објаснето на турскиот радио и ТВ одбор (РТУК).
Илхан Ташчи, член на РТУК од главната турска опозициска Републиканска народна партија, рече дека се противи на потегот за блокирање на двата странски радиодифузери.
„Еве ја слободата на печатот и напредната демократија“, саркастично напиша тој на Твитер.
Во одборот доминираат членови на владејачката партија на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и нејзините сојузници кои редовно ги казнуваат критичките радиодифузери.
Синдикатот на новинарите на Турција одлуката ја нарече цензура.
„Откажете се од обидот да забраните сè што не ви се допаѓа, ова општество сака слобода“, напишаа на Твитер.
Во февруари, РТУК соопшти дека идентификувала три веб-страници без дозволи за емитување, во кои се вклучени и турските услуги на Еуроњуз. Но, Еуроњуз тврдеше дека не емитува во живо на турски, поради што е изземена од барањата за лиценцирање.
Гласот на Америка забележа во февруари дека иако лиценцирањето за ТВ и радио преноси е норма бидејќи емитуваните бранови се конечни ресурси, Интернетот нема ограничен опсег.
„Единствената можна цел на барањето за лиценцирање за интернет дистрибуција е да се овозможи цензура“, се вели во соопштението на Гласот на Америка.
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, кога се појави регулативата за лиценцирање во февруари, преку Твитер објави дека Вашингтон е загрижен поради „одлуката на РТУК да ја прошири владината контрола врз медиумите за слободниот печат“.
Како одговор, портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Танџу Билгич, истакна дека Соединетите држави бараат од турската државна телевизија на англиски јазик, TРТ Ворлд, да се регистрира како странски агент според законот наменет за лобисти и фирми за односи со јавноста кои работат за странски влади.
Турција беше оценета како „Неслободна“ во 2021 година на индексот „Слобода на мрежата“ од „Фридом хаус“. Репортери без граници пак ја рангираа на 149 од 180 земји во нејзиниот Светски Индекс за слобода на печатот, велејќи дека „се користат сите можни средства за да се поткопаат критичарите“, вклучително и одземање новинарски картички, онлајн цензура, тужби и апсења.