„Во францускиот предлог се вклучени нашите забелешки и јасно изразени ставови. Позицијата во која денеска се наоѓаме е далеку поповолна за нас, нашата позиција и стратегија дадоа резултати“ изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата во владата со коалиционите партнери на која се разгледуваше францускиот предлог за укинување на бугарското вето за македонските евроинтеграции.
Тој вели дека со оваа средба се почнати консултациите за да се изгради државен став по ова прашање. Понатаму најави консултации со претседателот на државата, Парламентот, опозицијата, но и со експерти, невладин сектор, медиуми.
„Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен државнички став за можност која се отвора за нашата земја“, рече Ковачевски на прес-конференција придружуван од лидерите на партите кои се дел од владата.
„Сите лажни тврдења во различни форми, сметам дека потонаа. Во европскиот предлог имаме дефинирано позиции за јасно прифаќање на македонски јазик, како и Протоколот да не биде во преговарачката рамка. Нашата позиција за понатамошно отпочнување безусловно на преговарачкиот процес и одржување на конференција со ЕУ е исто така во вклучено во предлогот“, рече премиерот.
По прес конференцијата целиот предлог ќе биде објавен на веб страната на владата.
Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) цени дека предлогот даден во форма на идеи за решение е добра основа за завршување на спорот и за одблокирање на европскиот пат.
„Цениме дека ваквите шанси за компромис кои не го загрозуваат идентитетот, јазикот и националното достоинство на нашите македонски сограѓани не треба да се пропуштаат, заради сигурната и прогресивната иднина на државата и регионот“, соопштија од ДУИ.
Претходно пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на прес-конференција побара премиерот да го објави предлогот
„За јавноста да види дека овој предлог суштински е истиот со она за коешто македонската јавност веќе изгради широк консензус дека е неповолен за државата, понижувачки е, не ги решава споровите со Бугарија и не не носи до целта која што ја замислуваме во минативе 20 години, а тоа е полноправно членство во ЕУ“, рече Милошоски.