Членови на Сојузот на синдикатите на Македонија денеска протестираа пред Собранието додека во него се одржуваше седницата Комисијата за финансирање и буџет. Тие бараат пратениците да го поддржат амандманот на ССМ на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите.
„Упатувам јасна порака до пратениците кои се членови на таа Комисија и за кои ставивме 14 столчиња со осум жолти картони, бидејќи минатиот пат не го изгласаа тој предлог-амандман за 2 806 линеарно зголемување на платите на работниците, да се освестат и да го изгласаат, бидејќи јавно, оттука им порачувам, сите овие работници, кои што се зад мене го чекаат нивниот глас „за“, ако не биде тоа така, ние јавно ќе побараме со име и со презиме, оставка од тие пратеници, бидејќи, ако дигнат рака за „не“ ќе кажат дека не се за работникот и не се за народот во овие тешки моменти“, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Димовски посочи дека продолжуваат со штрајкот и информираше дека во моментов преговараат со пет општини и 12 јавни комунални претпријатија за зголемување на платите во јавниот сектор.
Генералниот штрајк во јавниот сектор почна на 22 јуни со барања за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ за сите вработени согласно зголемувањето на минималната плата, потпишување на Општиот колективниот договор и исплата на К-15. На првиот ден од штрајкот беа поставени 120 столчиња пред Собранието, а на вториот ден 21 столче пред Владата. Во изминатите денови столчиња беа поставени и пред министерствата за финансии и за труд и социјална политика. Синдикалните претставници во понеделникот три часа го блокираа и влезот на Скопје кај Автокоманда.