Францускиот предлог пред владините партнери

Лидерите на партите кои се дел од владината коалиција на средба во Владата го разгледуваат францускиот предлог со којшто би се тргнало ветото за влез на земјата во ЕУ.

Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов пред средбата во изјава за медиумите рече дека тие не го добиле ниту првиот, ниту овој предлог. Тој вели дека им треба време да го разгледаат и да го анализираат, по што би изградиле став.

„За секој случај ќе инсистираме и првиот и вториот предлог да ни бидат доставени и ќе бараме од Владата, од МНР во писмена форма во што е суштината на новиот променет предлог, изјави Трајанов.

Тој вели дека инсистира да има широка расправа за предлогот, и за него да се изјаснат и експерти и невладин сектор, граѓаните.

„Вака пошироко гледано има политички и граѓански консензус за евроинтеграциите што не е спорно, тоа е стратешки национален интерес на сите во државата што е можно побрзо да станеме членка на ЕУ, но се разбира без да се загрози нашиот национален идентитет“, рече претседателот на ДС.

Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски пред почетокот на средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата изјави дека француски предлог не го видел, но го коментираше претходниот француски предлог, иако, како што кажа, во основа останува ист. Според Георгиевски, во тој предлог имало и позитивни работи и не требало целосно да се отфрла.

„Она на што треба да се стави акцент е дека двете страни не се задоволни до крај, меѓутоа тоа е суштината на секој предлог. Тоа беше суштината и на Преспанскиот договор, кога двете страни колку и да споделуваат оценки дека се задоволни од предлогот во суштина остануваат не докрај сите нивни нереализирани моменти“, посочи Георгиевски.

Претседател на Демократската партија на Турците Бејџан Иљаз рече дека после состанокот коалициони партнери ќе го дадат своето мислење во врска со новиот предлог.

Мирослав Јовановиќ од Српска странка, исто така, рече дека предлогот не го прочитале и дека откако ќе се случи тоа ќе дадат и свои одговори.

Во Владата во тек е средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на партиите од владината коалиција на која ќе се разгледува предлогот на француското претседстелство за отстранување на бугарското вето и за старт на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската унија.

Со ова, како што најави премиерот Ковачевски, се отвора процес на широки консултации.

Веднаш по средбата, францускиот предлог ќе биде објавен интегрално на веб страницата на Владата.