Актуелниот вицепремиер и министер за финансии Асен Василев е кандидат за премиер на „Продолжуваме со промените“, соопшти денеска премиерот во оставка Кирил Петков.
Претходно коалициониот партнер во досегашната влада Партијата на бугарските социјалисти (БСП) постави услов Петков да не биде кандидат за премиер, ако сакаат да продолжат консултациите за нова влада. Условувањето уследи по одлуката за протерувањето на 70 руски дипломати од Бугарија.
„Асен Василев е личност на која безусловно иу верувам“, рече Петков во својата изјава. Тој додаде дека нема да дозволат Бугарија да тргне во погрешна насока.
„Нема да дозволиме грст луѓе да ограбуваат јавни средства. Нема да дозволиме странските дипломати да поставуваат ултиматуми“, рече Петков.
Руската амбасадорка Елеонора Митрофанова во четвртокот упати нота со која и постави услов на Бугарија да ја откаже одлуката за протерување на 70 руски претставници во Бугарија, а доколку тоа не се направи до петок во 12 часот, руската амбасада во Бугарија ќе биде затворена.
Оставката на премиерот Кирил Петков и неговиот кабинет дојде по успешното гласање за недоверба на неговата влада во Парламентот, кое го иницираше опозициската партија ГЕРБ, откако партијата „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција.
Кабинетот на Петков ја презеде функцијата во декември 2021 година и беше на власт вкупно шест месеци. Бугарија минатата година имаше три парламентарни избори, како и две преодни влади назначени од претседателот Румен Радев.