Словенија ја сака Хрватска во „Шенген“, но прво да се решат одредени прашања

Љубљана сака Хрватска што поскоро да влезе во Шенген-зоната, изјави синоќа словенечкиот премиер Роберт Голоб, но смета оти пред тоа треба да се решат некои отворени прашања. Тој вели дека заедничкиот граничен простор на ЕУ, таков каков што е во моментов, не функционира.

„Словенија сака Хрватска да влезе во Шенген-зоната што е можно поскоро, но таа во моментов не функционира и поради тоа се уште треба да се надминат многу колебања“, изјави Голоб пред новинарите на Самитот на НАТО во Мадрид.

Тој притоа посочи на засилените контроли кај некои актуелни членки на Шенген што траат веќе неколку години, на што Словенија се противи, особено кога станува збор за постапките на соседната Австрија.

„И Словенија го чувствува проблемот со нефункционирањето на Шенген-зоната на границата со Австрија која спроведува зголемена гранична контрола кон Словенија“, рече словенечкиот премиер, оценувајќи дека динамиката на проширувањето на зоната ќе се разјасни откако ќе се најдат решенија за отворените прашања за иднината и општо за функционирањето на „Шенген“.

Советот на Европската унија во средата покрена постапка за донесување одлука за прием на Хрватска во Шенген-зоната, барајќи го од Европскиот парламент позитивното мислење, што е неопходен предуслов за конечната одлука, соопштија дипломатски извори.

Советот предложи граничните контроли на копнените и поморските граници на Хрватска со земјите од „Шенген“ да се укинат од 1 јануари 2023 година, а на аеродромите од 26 март следната година.