Ковачевски го започнува процесот на широки консултации за францускиот предлог

Премиерот Димитар Ковачевски на владина седница, архивска фотографија

Денеска во 11 часот во Владата се среќаваат лидерите на партиите дел од владината коалиција со што се отвора процесот на широки консултации по новиот француски предлог за тргање на бугарското вето од македонските евроинтеграции.

Премиерот Димитар Ковачевски на официјалната Фејсбук страница напиша дека на средбата ќе се разгледува предлогот на француското претседателство, а веднаш по средбата, предлогот во интегрална форма ќе го објават на официјалната веб страна на Владата.

Во текот на денот, покрај средбата со коалицијата, ќе се одржат низа консултации и разговори со експертската и стручната јавност како и медиумите.

„Целиот процес ќе се одвива транспарентно, а јавноста во детали ќе биде запознаена со сите следни чекори“, пишува премиерот.

Тој повика на одговорност од сите релевантни чинители во општеството, оти, како што наведува шпекулации за важни државни и национални прашања не одат никому во прилог.

„Оттука, апелирам до сите политички актери и медиумите да се потпираат на официјалните информации од институциите. Барам конструктивност и поддршка од сите чинители за да донесеме мудра одлука во интерес на сите граѓани“, пишува премиерот.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа информираше дека во новиот францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ, историските прашања и Протоколот од Договорот за добрососедство не се дел од преговарачката рамка.