Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска ќе ѝ го врачи мандатот за состав на нова влада на партијата Продолжуваме со промената (ПП) на доскорешниот премиер Кирил Петков.
Процедурата за формирање влада почнува од ново, откако на кабинетот на Петков му беше изгласана недоверба во Парламентот. Партијата на Петков прва го добива мандатот оти е најголемата политичка групација во Народното собрание.
Но поддршката за новата влада, добиена со првиот мандат, станува се покомплицирана по повлекувањето на Бугарската социјалистичка партија од преговарачката маса, поради протерување на 70 руски дипломати од Бугарија.
Условот што го постави лидерката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова е владата предложена да управува со државата да не биде предводена од поранешниот премиер Кирил Петков. Истиот услов го постави и партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов.
Во 17 часот по локално време ќе се знае дали „Продолжуваме со промените“ ќе го смени составот на владата, како и кој ќе ја води, бидејќи според уставот на државата кандидатот за премиер треба да го преземе мандатот од претседателот на Бугарија.
Ако ПП не успее да формира влада, Радев ќе ѝ го додели мандатот на ГЕРБ, но од партијата се изјаснија дека веднаш ќе го вратат без да се обидат на формираат влада.
При таков развој на настаните, претседателот по трет и последен пат ќе го додели мандатот на некоја од останатите партии по негов избор. Ако и тогаш не се избере влада, парламентот ќе се распушти и ќе се закажат нови предвремени избори.