Полска соопшти дека ја завршиле изградбата на челичен ѕид што се протега долж границата со Белорусија за да го запре приливот на мигранти.
Минатата година десетици илјади луѓе, главно од Блискиот Исток, се обидоа да влезат во Полска, од територијата на Белорусија.
Полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински денеска рече дека изградбата на челичен ѕид висок 5,5 метри и долг 186 километри ќе ги „одвои“ од мрачната диктатура на белорускиот лидер Александар Лукашенко, кого Западот го обвинува за приливот на мигранти.
Полска и другите земји од Европската Унија велат дека Лукашенко ја оркестрирал мигрантската криза заедно со неговиот сојузник, рускиот претседател Владимир Путин, како одмазда за санкциите наметнати на него и на неговиот режим.
- ОН ги повика Белорусија и Полска да ја решат „ужасната ситуација“ на границата
- Околу 200 мигранти се обиделе да ја пробијат оградата на полско-белоруската граница
Санкциите беа воведени поради бруталниот третман на неистомислениците по масовните протести поради спорните претседателски избори одржани во август 2020 година.
Полска постави забранета зона на границата до 30 јуни. Со забраната не им се дозволува на нерезидентите, вклучително и мигрантите, хуманитарни работници и медиуми, да влезат во областа.
Најмалку 12 лица загинаа на полско-белоруската граница, каде што мигрантите и бегалците се соочија со тешки услови во текот на зимата.