Бугарскиот претседател Румен Радев утре ќе ѝ го врачи мандатот за состав на нова влада на партијата Продолжуваме со промената (ПП) на доскорешниот премиер Кирил Петков. Процедурата за формирање влада почнува од ново, откако на кабинетот на Петков му беше изгласана недоверба во Парламентот.
Пред два дена ПП објави дека започнува преговори за нова влада со досегашните коалициски партнери – Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија, но тие вчера беа прекинати од социјалистите. Причина за прекинот е протерувањето на 70 руски дипломати, соопшти претседателката на БСП Корнелија Нинова.
Петков утринава разговарал со пратеници од БСП, но нивниот услов останува непроменет – ќе продолжат со разговорите за нова влада, ако ПП предложи друг кандидат за премиер, а не Петков.
Шефот на пратеничката група на ПП во Народното собрание, Андреј Ѓуров, за Нова ТВ изјави дека со колегите ќе разговараат и за други кандидати.
„Во ПП има доволно луѓе подготвени да заземат различни позиции, но ова не е пазар за невести“, рече тој.
Минатата недела, поранешниот премиер и лидер на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов предложи формирање на евроатлантска коалиција, но Петков одговори дека би соработувал со партијата, ако лидерот ѝ „замине на топол остров“. Борисов потоа изјави дека нема намера да се повлече од политиката.
Ако ПП не успее да формира влада, Радев ќе ѝ го додели мандатот на ГЕРБ, но од партијата се изјаснија дека веднаш ќе го вратат без да се обидат на формираат влада.
При таков развој на настаните, претседателот по трет и последен пат ќе го додели мандатот на некоја од останатите партии по негов избор. Ако и тогаш не се избере влада, парламентот ќе се распушти и ќе се закажат нови предвремени избори.
Владата го изгуби мнозинството во парламентот откако партијата Има таков народ на Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција поради, како што рече, преговорите со Македонија и тоа што нема пари.
Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.