Трговски брод со 7.000 тони жито го напушти украинското пристаниште Бердјанск, окупирано од Русија, што е прва таква пратка откако Москва ја започна инвазијата на Украина кон крајот на февруари.
Шефот на администрацијата назначена од Москва во регионот Запорожје, Евгениј Балицки, на 30 јуни на Телеграм соопшти дека бродот се движи кон „пријателските земји“.
Тој не прецизираше кои земји се сметаат за „пријателски“, ниту, пак, даде детали за потеклото на житото.
Украина ја обвини Русија за кражба на нејзиното жито за време на инвазијата и блокирање на нејзините пристаништа за да спречи житото да ја напушти земјата, што придонесе за глобалниот недостиг на храна.
Русија негираше дека земала украинско жито, но сателитски снимки и ГПС податоци ги поддржуваат наводите дека Русија транспортирала жито надвор од Украина преку пристаништето Севастопол на Крим. Русија илегално го анектираше Крим во 2014 година.
Многу области во јужна Украина се ставени под контрола на официјални претставници назначени од Русија, откако Москва започна инвазија на Украина на 24 февруари. Некои од тие области сега се насилно интегрирани во руската економија.
Извозот на жито од Украина лани изнесуваше 12,2 милијарди долари и претставуваше речиси една петтина од извозот на земјата. Преку украинските пристаништа на Црното Море, вклучително и Бердјанск, до пред војната беа процесирани околу шест милиони тони жито и други култури секој месец.
Русија и Украина заедно, сочинуваат речиси една третина од светската понуда на пченица.
По инвазијата, многу западни земји и Европската унија воведоа санкции кон Русија, што пак создаде список на „непријателски“ странски држави и територии.