Пристапот на девојчињата до средно образование бил на дневен ред на неодамнешните разговори што ги имал специјалниот претставник на Европската унија за Авганистан, Томас Никласон со членовите на владата предводена од талибанците.
Тој за Радио Азади, сервис на РСЕ за Авганистан, вели дека, талибанските власти не објасниле зошто девојчињата биле исклучени од училиштата, ниту пак било посочено кога би можеле повторно да се отворат школите за девојки.
Томас Никласон во интервју објавено на 29 јуни рече дека со талибанските власти и со вршителите на должноста министри разговарал во мај и многу од нив се согласиле дека прашањето за образованието на девојчињата треба да се разјасни, но немало предлог акција.
„Некои од вршителите на должност рекоа дека се надеваат, а потоа посакуваат и мислеа дека училиштата ќе се отворат релативно брзо, но никој не даде датум и никој не беше поконкретен зошто не можат да отворат и што би било потребно за да се отворат во блиска иднина“, рече специјалниот претставник на ЕУ за Авганистан.
Талибанците лани во август ја презедоа власта во Авганистан и донесоа одлука да ги тргнат девојчињата од училиштата, што предизвика негодувања и во самата држава, но и меѓународни осуди.
Поради непочитување на правата на луѓето и тврдокорните исламистички политики Владата предводена од талибанците остана главно изолирана на меѓународно ниво. Владата предизвика дополнителен бес минатиот месец кога издаде декрет со кој им се наложува на жените да носат бурка од глава до пети на јавно место.
Никласон рече дека причината поради која ЕУ продолжува да се ангажира со талибанците е тоа што западните влади научиле од владеењето на талибанците во деведесеттите години на минатиот век дека нивното изолирање не е погодно за желбата на Западот да остане ангажиран и да го поддржува авганистанскиот народ.
Тој одби да ги именува министрите кои биле поотворени за олабавување на ограничувањата за образованието на девојчињата, но рече дека некои од вршителите на должноста министри „кои можеби имаат помало религиозно потекло“ се поподготвени на тоа училиштата да се отворат.
Никласон, исто така, рече дека ЕУ оценила дека е постигнат многу мал напредок во однос на петте одредници што ЕУ ги постави за подлабок ангажман со талибанците и тоа е причината поради која ЕУ не се ангажира на кој било начин освен дијалогот и хуманитарната помош.
ЕУ соопшти дека петте одредници, вклучувајќи го почитувањето на човековите права, гаранциите за слободата на медиумите и ветувањето дека Авганистан повторно нема да стане плодна почва за тероризам, мора да бидат исполнети пред да продолжи со редовната развојна помош.
ЕУ од септември дава хуманитарна помош на Кабул, а преку тој механизам беше обезбедена помош и по неодамнешниот земјотрес, рече тој.