Судот прогласи 19 лица виновни за тероризам за нападите на Исламската држава во Париз во 2015

Судска скица од Салах Абдеслам, главниот осомничен за нападите во Париз на 13 ноември 2015 година

Францускиот суд прогласи 19 мажи за виновни по обвиненијата за тероризам за терористичкиот напад на Исламската држава во Париз во 2015 година во кој загинаа 130 луѓе.

Нападите беа извршени во театарот Батаклан, кафулиња и на Националниот стадион на Франција.

Првоосомничениот Салах Абдеслам, меѓу другото, беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство во врска со терористичка активност и се соочува со доживотен затвор.

Тој е единствениот преживеан од луѓето кои го планираа и извршија нападот. Тој им се извини на жртвите и ги замоли судиите да му ги простат „грешките“.

На почетокот на судењето пред девет месеци, тој гордо изјави дека е „војник“ на Исламската држава, која ја презеде одговорноста за нападот.

Неговиот адвокат рече дека Абдеслам е единствениот напаѓач кој не поставил експлозив за да убие други луѓе во нападот и затоа не треба да биде осуден за убиство.

Останатите 18 луѓе главно се обвинети за помагање во логистика и транспорт. Еден е обвинет за полесно дело за измама.

Само 14 обвинети беа во судот. Се претпоставува дека 5 од шесте обвинети кои не се присутни загинале во Сирија или во Ирак, а еден е во затвор во Турција.