Украинското Министерство за одбрана објави размена на затвореници во која учествуваат 144 украински војници, вклучително и голем број бранители на челичарницата Азовстал во јужниот пристанишен град Мариупол.
„Ова е најголемата размена од почетокот на целосната руска инвазија. Од 144 ослободени, 95 се бранители на Азовстал. Меѓу нив, 43 војници на Азовскиот полк“, соопшти главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана.
Не е прецизирано кога и каде се случила размената, ниту колку руски затвореници биле дел од размената.
Шефот на сепаратистичката група поддржана од Русија во украинскиот регион Доњецк, исто така, пријави размена на затвореници со Киев, велејќи дека бројот на разменети борци е 144 од двете страни.
Денис Пушилин рече дека 144 сепаратисти поддржани од Русија и руски војници ќе се вратат дома како дел од размената.
„На Киев му предадовме ист број затвореници од украинските вооружени единици. Повеќето од нив беа ранети“, рече Пушилин на Телеграм.
Русија соопшти дека околу 2.500 украински војници биле приведени кога ја презела фабриката за челик.
Москва и Киев неколкупати разменуваа затвореници по инвазијата на Русија на 24 февруари.