Премиерот Ковачевски најави воведување на закон за плати

Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска од Собранието најави воведување закон за плати во кој како што рече ќе се знае која ќе биде конзистентноста и структурата на платите во државата.

Ковачевски од собраниската говорница одговарајќи на пратенички прашања рече дека ќе има зголемување на платите, а најави и воведување методолгија за пораст на платите која ќе зависи од порастот на трошоците на живот, од зголемувањето на просечната плата и од зголемување на перформансите на работниците.

Такви закони се болни зошто голем дел од државна управа не сакаат да ги прифатат бидејќи, како што рече, во секоја институција има вработени кои имаат и натпросечни плати, но има и вработени во институции кои имаат помали плати, потпросечни плати, а врз кои паѓа добар товар од работата, но заради хронолошки, системски и нерешени прашања тоа останало така.

Премиерот иформираше дека им дал задача на вицепремиерот за економски работи, на министерот за финансии и на министерката за труд и социјална политика да изготват такво законско решение, а социјалниот дијалог со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) да се води во насока на воспоставување методологија која ќе обезбеди поголеми плати.