Министерот за правда Никола Тупанчески смета дека ветингот не се покажал како најдобра алатка за прочистување во судството и дека филтрација кај судиите може да се направи и преку постојните институции и закони.
Тој го наведе искуството во Албанија, каде ветингот доживеа, како што рече, фијаско затоа што начинот на кој беше спроведен не ги даде очекуваните резултати или не беше постигната целта која беше поставена.
„Решението остана дека и во рамки на институциите и во рамки на постојните законски и подзаконски акти може да се направи селекција на добри и на лоши судии, или помалку добри. Во таа насока беше донесена методолгијата која значеше симбиоза на попрецизни критериуми околу изборот и разрешувањето на судиите и јавните обвинители“, рече Тупанчески одговарајќи на пратеничко прашање на Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.
Косовската влада најави ветинг во судството
Додаде дека последната година, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет покажале видливи резултати во однос на она што се нарекува ветинг во фигуративна смисла.
„Ветингот не мора да биде направен со закон за ветинг. Напротив сметам дека ветингот може да биде направен и со постојните законски решенија и подзаконски решенија. Најважно во целата оваа работа е да се има сериозна волја заради остварување на резултатите“, рече Тупанчески.