Иако се сменија неколку состави на влади, иако на многу избори се ветува, малкубројните пратеници кои ги застапуваат Ромите во нашата држава, и натаму констатираат предизвици во заедницата кои беа карактеристични за 19 или 20 век.
Ова за Радио Слободна Европа го изјави Латифа Шиковска пратеничка во македонското собрание, која нагласува дека таа како пратеничка во овој состав од позицијата како поединец не многу можела да направи освен секогаш да иницира процеси, дебати, да предлага јавни политики, закони и слично, но последниот збор го има мнозинството во парламентот и Владата.
Главните предизвици со кои се соочуваат денес Ромите во Република Северна Македонија се во сите сфери, вели пратеничката Шиковска и додава дека во делот на образованието има мал напредок, но децата Роми се недоволно вклучени во предучилишното образование, така што има деца на улица и деца на бездомни семејства кои се надвор од образование.
Шеесет проценти од ромското население во Битола не дозавршило основно училиште
Пратеничката Шиковска за РСЕ додава дека проблеми има и во сферата на домувањето.
,,Ромите живеат во неурбанизирани населби, во многу случаи не се донесени детални урбанистички планови и не може да се заклучи дека живеат достоинствено“, вели таа.
Дополнително вели дека Ромите немаат еднаков пристап до квалитетни здравствени услуги како и секој наш граѓанин.
„И денес имаме Роми кои немаат здравствено осигурување, пристап до матичен лекар, матичен гинеколог и пристап до пренатална и постнатална грижа. Стапката на доенечка смртност во ромската заедница е највисока. Се уште постои дискриминација и во здравството за жал“, вели Шиковска.
Пратеничката додава дека изостанува развој и унапредување на ромската култура, јазик и традиција.
Нема поддршка за ромски , истакнува пратеничката Шиковска и потенцира дека ,,Промоцијата на ромската култура и јазик не е доволно видлива во општеството, сè уште има стереотипи и предрасуди кон Ромите во учебниците. Државата не ги поддржува доволно креаторите на културни производи преку претставување на ромската заедница - идентитет и култура“.
И денеска македонското законодавство и јавните политики нејасно ги таргетираат појавите кога станува збор за елиминирање на антициганизмот, говор на омраза и негово признавање како кривично дело во кривичното право на Република Северна Македонија вели Шиковска и оценува дека ромската заедница е најсиромашната заедница во Република Северна Македонија.