Се зголемува бројот на позитивни на ковид, но не и на хоспитализирани и починати

Зголемување за 65,8 отсто на бројот на позитивни случаи на ковид-19 во однос на минатата недела констатирала Комисијата за спречување заразни болести на денешниот состанок. Но нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со ковид) и нема зголемување на бројот на смртни случаи, соопшти денеска Министерството за здравство.

Согласно овие параметри и земајќи го предвид трендот на зголемување на позитивните случаи од ковид во соседните држави и светот, од Комисијата за спречување заразни болести потсетуваат на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз.

Дополнително, препорачуваат граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска , одржување растојание и почесто миење раце.

Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените ќе донесе соодветни препораки.

Вчера беа регистрирани 168 нови случаи на позитивни на ковид-19, речиси колку што имаше за трите дена претходно кога беа регистрирани вкупно 180 нови случаи.