Претседателот на Собранието Талат Џафери не го оправдува однесувањето на претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми на седница пред два дена, но вели дека сепак овој настан бил испровоциран. Џафери денеска одржа брифинг со новинари.
„Немам надлежност да побарам одговорност, тоа се пратеници, а не службеници. Поуката е дека тоа не смее да се случува во Собрание, а нема да се случи доколку тој што е пратеник си седи на место“, рече Џафери, додавајќи дека инцидентот не го предизвикал Адеми, туку, како што рече „тие кои отидоа на говорница и кои го искорнаа микрофонот“.
Џафери вели дека никој не треба да реагира така, ни власта, ни опозицијата.
„Тој е поединец, не оправдувам, туку упатувам порака да не се повторува, да не се случува, а нема да се случи ако никој не испровоцира. Ова е Законодавен дом тие се пратеници и имаат индвиидуална одговорност, тоа се прописите“, рече Џафери.
На видео снимка од седницата во понеделникот можеше да се види како при жестока кавга меѓу координаторот на ДУИ и претседател на комисијата за европски прашања Арбер Адеми и опозициските пратеници Антонијо Милошоски и Халин Снопче летаа филџани и пластични шишиња.
Според Џафери, настанот треба да се гледа во целина, а не само во „исечоци“. Тој информира дека имал средба и со европратениците и ги известил за инцидентот, им дал и интегрална снимка од собраниската режија за да ја оценат ситуацијата.
Прашан во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ и Левица на Комисијата да се расправа за разговорите со Бугарија, Џафери рече дека при поднесување на иницијативата не е испочитувана процедурата за доставување на материјалот до соодветното тело. Џафери вели дека пратениците на 24-ти пратиле заклучоци од Брисел до Комисијата за европски прашања, а Деловникот пропишува сите нешта да се доставуваат преку претседателот на Собранието, а тој аков материјал не примил.
Во однос на денешната седница за пратенички прашања и за утрешната поднесена интерпелација за него, Џафери рече дека очекува атмосферата да биде парламентарна, без оглед кој ќе биде видот и начинот на поставување на прашањето.
Два дена во Собранието на седницата на Комисијата за европски прашања пратениците се обраќаа на висок тон, се довикуваа и тропаа по масите.