Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска протестираше пред Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). ССМ една недела е во генерален штрајк, а секој ден протестира пред различни институции со барање да им се исполни ветеното линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во јавниот сектор од 1 јули.
„МИОА беше дел од тимот што преговараше за тие 2.806 денари линеарно зголемување на платите на сите работници и враќање на регресот во јавниот сектор од 30 до 100 проценти за сите работници. Затоа денеска го повикуваме министерот за информатичко општество доколку навистина се стремат за нова методологија, за реформи во администрацијата, за нов закон за плати за административните работници, нека повели, ние сме пред неговото министерство, нека ни достави ако има искрени намери и не се купува време“, изјави лидерот на ССМ Дарко Димовски.
Тој апелираше и до централната и до локалната власт да им ги зголемат платите на сите работници во, како што рече, ова тешко време со двоцифрена инфлација и секаков вид кризи.
Штрајкот ќе го продолжат и во наредните денови и ќе бидат пред вратите на министерствата кои имаат надлежности за платите, како и во локалните самоуправи, рече Димовски.
За време на протестите ССМ поставува празни столчиња пред институциите за да ги потсети функционерите дека треба да бидат усвоени синдикалните барања