САД ја зајакнаа кампањата за вакцинација против мајмунски сипаници

Американските здравствени власти, како одговор на појавата на мајмунски сипаници, која значително расте, ги проширија групите на луѓе на кои им беше препорачано да се вакцинираат против вирусот.

Тие, исто така, рекоа дека ќе обезбедат повеќе вакцини против мајмунски сипаници, ќе работат на проширување на тестирањето и ќе преземат други чекори за да се спречи епидемија, објави Асошиејтед прес

Здравствените власти на САД вчера објавија дека веднаш ќе дистрибуираат 56.000 дози вакцини против мајмунски сипаници, пет пати повеќе од досега дистрибуираните, во областите каде што ширењето на оваа инфекција е високо, пренесува Aгенцијата франс прес.

„Се прошируваат групите луѓе на кои им се препорачува да се вакцинираат“, рече Рошел Валенски, директор на Американскиот центар за превенција и контрола на болести.

Ова се однесува, како што е наведено, за мажи кои имале сексуални односи со други мажи и оние кои неодамна имале повеќе сексуални партнери на места каде што е познато присуството на мајмунски сипаници или во област каде што болеста се шири.

„Од почетокот на мај во светот се пријавени околу 4.700 случаи на мајмунски сипаници, од кои 306 во САД, а досега нема смртни случаи“, изјави Рошел Валенски.

Владата на САД досега дистрибуираше повеќе од 10.000 дози, а вчера дистрибуираше дополнителни 60.000 дози од вакцината против мајмунски сипаници, изјави претставник на Министерството за здравство. Оваа вакцина се дава во две дози.

Американските власти соопштија дека подготвуваат 240.000 дополнителни дози од вакцината за следните недели и ветија повеќе од милион дози во наредните месеци.

Повеќето од заразените се мажи кои имале секс со мажи, но здравствените власти посочуваат дека секој може да добие мајмунски сипаници.