НАТО се соочува со својот најголем предизвик од Втората светска војна, за време на војната на Русија во Украина, изјави на 29 јуни генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Тој додаде дека Москва претставува директна закана за безбедноста на земјите-членки на Алијансата.
Пристигнувајќи на вториот ден од самитот на НАТО во Мадрид, на кој се очекува да се усвои нов стратешки план клучен за иднината на Алијансата, Столтенберг рече дека самитот се случува среде најсериозната безбедносна криза со која се соочивме. Тој додаде дека ова ќе биде историски и трансформативен самит.
„Јасно ќе кажеме дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност“, рече Столтенберг.
Шефот на НАТО вели дека Алијансата ќе се договори за одвраќање, за да може да распореди повеќе борбени формации и да добие повеќе однапред поставена опрема до следната година во Источна Европа.
Столтенберг, исто така, рече дека очекува брза ратификација на приклучувањето на Шведска и Финска во воената алијанса, откако Турција се согласи на тоа.
Двете земји аплицираа за членство во алијансата во средината на мај.
„По поканата ни треба процес на ратификација во 30 парламенти. За тоа секогаш е потребно извесно време, но очекувам и тоа да оди прилично брзо, бидејќи сојузниците се подготвени да се обидат тој процес на ратификација да се случи што е можно побрзо“, рече Столтенберг.
Денеска се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски да се обрати на Самитот преку видео-врска.
На првиот ден од самитот, Турција се согласи да го укине своето противење на кандидатурите за членство во НАТО поднесени од Финска и Шведска по руската инвазија на Украина.
Финска и Шведска минатиот месец поднесоа барање да се приклучат на воената алијанса, но нивните кандидатури беа задржани од Турција, која ги обвини двете нации, особено Шведска, дека им нудат безбедно засолниште на курдските милитанти кои водат бунт против турската држава.