Од Илинденска до Шведска
САД / РУСИЈА - САД денеска воведоа санкции за 70 ентитети, вклучително и руската одбранбена компанија Ростек и 29 поединци, со цел како што соопштија, да ја намалат способноста на Русија да развива и распоредува оружје.
ТУРЦИЈА - Финскиот претседател Саули Ниинисто изјави дека Турција се согласила да ги поддржи кандидатурите на Финска и Шведска за влез во НАТО. Ниинисто рече дека пробивот дошол откако трите земји денеска потпишале заеднички меморандум„за да дадат целосна поддршка против заканите по меѓусебната безбедност“.
БУГАРИЈА / РУСИЈА - Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков денеска информира дека земјата ќе протера 70 руски дипломати кои работеле против интересите на Бугарија. Министерството за надворешни работи соопшти дека вербалната нота со имињата на 70-те дипломати веќе и е предадена на амбасадорката на Русија, Елеонора Митрофанова.
АВГАНИСТАН / САД - Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави денеска дека САД ќе обезбедат речиси 55 милиони долари итна помош за Авганистан како одговор на земјотресот што минатата недела ја погоди земјата.
УКРАИНА - Руските власти кои го окупираа украинскиот град Херсон го привеле градоначалникот Ихор Колихаев, откако тој одбил да работи со нив. Советничката на Колихаев, Халина Љашевска, на Фејсбук напиша дека офицери на руската Национална гарда ја пребарале канцеларијата на градоначалникот и го привеле на 28 јуни.
ЕУ - Европската унија минатата година примила 648 илјади барања за меѓународна заштита, објави денеска Агенцијата на ЕУ за азил (ЕУАА).
МАКЕДОНИЈА - Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми денеска изјави дека жали за тоа што се случило на синоќешната седница на Комисијата за европски прашања во Собранието. Тој вели дека жали за сите сцени што јавноста имаше можност да ги види и за кои вели дека се испровоцирани од опозицијата.
ГЕРМАНИЈА - Лидерите на групата седум најразвиени економи во светот Г7 ветија дека ќе одржат меѓународна конференција за собирање средства за повоена обнова на Украина. За време на нивниот Самит во Германија тие ја осудија руската инвазија на Украина како „незаконска и неоправдана“.
МАКЕДОНИЈА - Протестот на професорите на Универзитетот Кирил и Методиј (УКИМ) најавен за 30 јуни се одложува, донел одлука Сојузот на синдикати на Универзитетот, откако добиле одговор од Владата дека за нивните барања ќе разговараат со надлежните министерства.