САД денеска воведоа санкции за 70 ентитети, вклучително и руската одбранбена компанија Ростек и 29 поединци, со цел како што соопштија, да ја намалат способноста на Русија да развива и распоредува оружје.
Новите санкции, кои исто така забрануваат увоз на руско злато, беа објавени од Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД и се во рамки на договорите постигнати за време на самитот на Г7 оваа недела.
Американскиот секретар за финансии Џенет Јелен во соопштението посочува дека САД ја потврдиле својата посветеност да работат со партнерите и сојузниците „за да наметнат дополнителни строги санкции како одговор на руската војна против Украина“.
„Широките мултилатерални обврски и активности на членките на Г7 оваа недела дополнително го прекинаа пристапот на Руската Федерација до технологијата што е од клучно значење за нивната војска. Таргетирањето на руската одбранбена индустрија ќе ги деградира способностите на [претседателот Владимир] Путин и дополнително ќе ја попречи неговата војна против Украина, која веќе е зафатена од лош морал, нарушени синџири на снабдување и логистички неуспеси“, порачува Јелен.
Лидерите на групата седум најразвиени економи во светот Г7 ветија дека ќе одржат меѓународна конференција за собирање средства за повоена обнова на Украина. За време на нивниот Самит во Германија тие ја осудија руската инвазија на Украина како „незаконска и неоправдана“.