Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков денеска информира дека
земјата ќе протера 70 руски дипломати кои работеле против интересите на Бугарија. Министерството за надворешни работи соопшти дека вербалната нота со имињата на 70-те дипломати веќе и е предадена на амбасадорката на Русија, Елеонора Митрофанова.
„Сакам да им порачам на сите странски земји, не само на руската, дека сите оние кои работат против интересите на Бугарија ќе бидат отповикани да се вратат во земјата од која дојдоа“, рече Петков.
Тој одби да даде повеќе детали за активностите на дипломатите, бидејќи, како што рече, информациите се доверливи.
„Можам да кажам дека повеќето од нив работеа директно за странски служби и нивната дипломатска улога беше само параван“, рече Петков.
Тој додаде дека овие 70 лица имале различни службени улоги во амбасадата на Руската Федерација, но извршувале несвојствени активности за овие дипломатски позиции.
„Ова во никој случај не е агресија против рускиот народ- немаме ништо против него. Само кога странските влади се обидуваат да работат и да се мешаат во внатрешните работи на Бугарија, имаме јасни институции кои ќе се спротивстават на овој вид на акции. И во недела ние очекуваме полн авион со 70 места да се врати во Москва“, додаде Петков.