Лидерите на групата седум најразвиени економи во светот Г7 ветија дека ќе одржат меѓународна конференција за собирање средства за повоена обнова на Украина. За време на нивниот Самит во Германија тие ја осудија руската инвазија на Украина како „незаконска и неоправдана“.
„Ние сме силно посветени на поддршката на реконструкција на Украина преку меѓународна конференција“, се наведува во соопштението на Г7, додавајќи дека членовите се согласиле да потрошат 4,5 милијарди долари за решавање на проблемите со безбедноста на храната ширум светот, влошени со зголемените трошоци за жито и храна по инвазијата на Русија.
Белата куќа додаде дека Соединетите Држави ќе вложат 2,76 милијарди долари за тој напор, што ќе им помогне на 47 земји и регионални организации кои се занимаваат со недостиг на храна и неухранетост.
Во завршната изјава од Самитот, кој завршува на 28 јуни, се адресира и прашањето за глобалната безбедност на храната, кое беше нарушено со руската блокада на украинските пристаништа, со што резервите на жито од еден од најголемите светски производители не се извезуваат.
На лидерите на Г7 им се придружија и лидерите на Аргентина, Индија, Индонезија, Сенегал и Јужна Африка, како и Украина, се вели во соопштението.
За време на тридневниот Самит лидерите веќе ветија дека ќе продолжат со санкциите кон Русија до кога и да треба и дека ќе го засилат меѓународниот економски и политички притисок врз рускиот претседател Владимир Путин и неговите поддржувачи во Белорусија.
Тие ја осудија Русија и за, како што наведоа, „гнасниот“ напад врз трговскиот центар во централна Украина, нарекувајќи го „воено злосторство“ и ветија дека Путин „ќе одговара“ за постапките на Москва.
Лидерите на Г7 за време на самитот зборуваа и за ограничување на цената на руската нафта, зголемување на царините за руските стоки и воведување други нови санкции, но на состанокот во Германија не беше постигнат конечен договор. Се очекуваат дополнителни дискусии по самитот.