Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагира на одлуката да им се дозволи на трговците во туристичките места да работат во недела, само неколку месеци откако на сила стапи Законот за недела неработен ден.
„ССМ со право, уште на самиот почеток на процесот на уредување на недела како ден на неделен одмор укажуваше дека ова право во никој случај не смее да се регулира со друг закон освен со Законот за работните односи и дека во тој случај му се дава можност на еден министер со потпис да одлучува за судбината на работниците, што по 6 месеци се покажа како точно, иако во тој период од министрите бевме убедувани дека тоа нема да биде случај“, реагира Сојузот на синдикати.
Собранието вчера ги усвои измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места. Според министерот за економија Крешник Бектеши, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.