Нема ништо ново во процесот со Бугарија, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите. Тој вели дека процесот со Бугарија се води во Министерството за надворешни работи.
„Министерството за надворешни работи со своите експертски тимови разговараат со МНР во Бугарија. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни, тогаш истиот ќе биде ставен во институциите во Република Северна Македонија. Во овој момент таков предлог нема“, рече премиерот Ковачевски во изјава за новинари на настанот „Национална стратегија за правата на лицата со попреченост“.
Тој повтори дека Владата останува на ставот за францускиот предлог изнесен на прес-конференцијата во Брисел минатата недела, дека францускиот предлог, како што е првично е даден е неприфатлив за македонската страна. Доколку се направат измени, какви што предлага земјава, тогаш има можност разговорите да продолжат.
Властите во Македонија имаат три клучни барања за преговарачката рамка, а тие се целосно признавање на македонскиот јазик, историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и преговорите да почнат пред внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот. Ковачевски смета дека се потребни и гаранции оти нема да има нови услови од Бугарија и од Европската унија.
Францускиот предлог, пак, беше изгласан во Народното Собрание на Бугарија минатата недела. Претседателот на Франција Емануел Макрон го поздрави изгласувањето на предлогот во бугарското Собрание, и најави дека во наредните денови ќе продолжат разговорите со партнерите во Северна Македонија.