По синоќешниот инцидентот на собраниската Комисија за европски прашања, со стој став излегоа и од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери.
Кабинетот на Џафери соопшти дека била свикана итна координација на која биле поканети сите координатори и претставници на политичките партии во Собранието. Но на координацијата дошле само координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики Шаини. Не присуствувале претставниците од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и од Алијансата на Албанците.
Синоќа во Собранието, според видеоснимката што ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на социјалната мрежа Фејсбук, имало жестока кавга меѓу претседателот на собраниската комисија за европски прашања и поранешен министер за образование Арбер Адеми со пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од Алијанса за Албанците и од ВМРО-ДПМНЕ се противат на ваквото решение.
Повод за жестоката кавга, на раб на физичко насилство, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„На координацијата беше донесен заклучок дека собранискиот Деловник ги дава сите можности за работа на Собранието и не дозволува насилство во која било форма. На координацијата исто така се заклучи и тоа дека граѓаните самите ќе проценат од снимките кои се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања. Ниту во земјите членки на Европската унија не се дозволува насилство врз претседавачот со седница на работно тело на Собранието“, се посочува во соопштението од Кабинетот на Џафери.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите од Собранието обвини дека Комисијата за европски прашања чиј претседател е Арбер Адеми од ДУИ се претворила во „комисија за Див Запад“ и оти не се почитуваат ниту Деловникот, ниту пратениците, ниту јавноста.
Според него, на седницата на Комисијата се направила голема тензија кога Адеми почнал „освен со вербални напади да фрла и со тврди предмети кон пратениците, да крши дел од собранискиот инвентар и да употребува разни вулгарности“ кон пратениците.
Алијанса за Албанците реагираше дека власта се обидува да им го продолжи мандатот на „партиските судии и обвинителите од власта, преку шверцување на законот“.
ДУИ ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците дека вршат насилство „со цел да го заштитат криминалот“. СДСМ, пак, соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да им се продожи мандатот на судиите за да има неефикасни судови „за да го заштитат криминалот“.