Од Макрон до Арбер Адеми

УКРАИНА - Најмалку две лица загинале, а 20 се повредени, од кои девет потешко, откако руски проектили погодиле преполн трговски центар во централниот украински град Кременчук, изјави Кирил Тимошенко, заменик шеф на Кабинетот на украинскиот претседател.

ГРЦИЈА - Во вкупно 24 случаи околу 1.130 бегалци и мигранти со чамци се обиделе да влезат во грчките територијални води во морските делови кај островите Лезбос, Хиос, Самос, Кос и Родос, во периодот од петокот наутро до утрово, соопштија од грчката крајбрежна служба, јави дописничката на МИА од Атина.

ЛИТВАНИЈА - Министерството за одбрана на Литванија денеска соопшти дека државни и приватни интернет страници во земјата денеска биле привремено соборени поради хакерски напад.

БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата ќе го зголеми бројот на сили за брзо реагирање од 40 илјади на над 300 илјади војници како одговор на руската инвазија врз Украина.

ЕУ - Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји изјави дека првата меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија и Албанија може да се одржи во наредните денови, јави дописничката на МИА од Брисел.

РУСИЈА - Русија воведе санкции за 43 канадски граѓани, вклучително и федерални и регионални функционери, членови на либералната партија на премиерот Џастин Трудо и јавни личности, како одговор на сличните чекори преземени од страна на Канада против руски функционери и бизнисмени и нивните семејства.

МАКЕДОНИЈА - Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ Скопје и „Снабдување со топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ Скопје повеќе немаат лиценца за вршење на енергетска дејност дистрибуција и снабдување на топлинска енергија од страна на регулиран производител, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

УКРАИНА - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ги повика лидерите на Г7 да направат сè што е во нивна моќ за да се стави крај на руската инвазија на неговата земја до крајот на годината.

МАКЕДОНИЈА / ФРАНЦИЈА - Направена е ненамерна грешка при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија, вакво уверување денеска дал Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со министерот за надворешни работи Бујар Османи, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

МАКЕДОНИЈА - Жестока кавга меѓу претседателот на собраниската комисија за европски прашања и поранешен министер за образование Арбер Адеми со пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се гледа на видеоснимката што ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на социјалната мрежа Фејсбук.