НАТО го зголемува бројот на војници за брз одговор на 300 илјади

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата ќе го зголеми бројот на сили за брзо реагирање од 40 илјади на над 300 илјади војници како одговор на руската инвазија врз Украина.

„Ќе ја зајакнеме нашата напредна одбрана... Ќе ги трансформираме силите за одговор на НАТО и ќе го зголемиме бројот на нашите сили во висока готовност на над 300 илјади“, изјави Столтенберг.

Силите за одговор на НАТО во моментов имаат околу 40 илјади војници.
Самитот на Алијансата во Мадрид, кој ќе се одржи на 28 и 29 јуни, исто така ќе го промени јазикот на НАТО кон Русија, кој сега ја смета Русија како стратешки партнер. Тој јазик е во сила од 2010 година.

„Тоа нема да биде случај во стратешкиот концепт што ќе го договориме во Мадрид“, рече Столтенберг.

„Очекувам сојузниците јасно да кажат дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност, за нашите вредности и за меѓународниот поредок заснован на правила“, рече тој.